Со громогласен аплауз и стоечки овации публиката ги награди настапите на уметниците кои беа дел од гала концертот на Основното музичко училиште  „Методи Патче“, по повод златниот јубилеј од неговото основање. Во рамки на неповторливото концертно доживување, што се одржа вчеравечер, во катедралната црква „Света Софија“, беа отсвирени познати музички композиции и изведени впечатливи оперски арии.

Директорката на Основното музичко училиште „Методи Патче“, Нина Момироска во својот говор пред присутните, освен за историските детали за училиштето, зборуваше и за успесите на неговите ученици, кои во текот на изминатите  50 години биле гордост за Охрид.

-Ние не застануваме овде. Од вечерва сите заедно влегуваме во едно ново поглавје од развојот на училиштето. Заедно со локаната власт влегуваме во проектот – Средно музичко училиште во Охрид. Вечерва со програмата ја промовираме идејата и потребата за формирање на музички оркестар на ниво на градот. Со гордост можам да ви соопштам дека во подготовката на гала – концертот со многу љубов и позитивна енергија влегоа сите сегашни, поранешни вработени, ученици и пензионери. Поддршка ни дадоа и веќе етаблирани музички уметници чии почетоци се сврзани со нашето охридско училиште, потенцираше Момироска.

Градоначалникот Никола Бакрачески кој исто така се обрати пред уметниците и пред  многубројната публика, истакна дека со јубилејот на музичкото училиште треба да се горди и Охрид и охриѓани.

-Во овие 50 години од постоењето на ОМУ „Методи Патче“, поминале бројни ученици, некои од нив ја продолжиле својата наобразба во Македонија и низ Светот. Знам дека во изминативе 50 години од ова училиште излегоа голем број познати имиња, знам дека сте добитници на голем број награди и признанија, меѓутоа во исто време јас верувам дека овие успеси ќе продолжат да се нижат во низа, ќе бидат трајни и нашите ученици и понатаму ќе настапуваат секаде во Светот. Градот Охрид е најпознатиот туристички бренд во Македонија и пошироко на Балканот, но во исто време Охрид е град на културното наследство и културната сегашност. Како Локална власт сите културни манифестации во Охрид се трудиме да ги направиме што е можно побројни и да ги прошириме во текот на цела година, со што ќе ја збогатиме туристичката понуда, рече Бакрачески во поздравното обраќање.

Градоначалникот Бакрачески изрази надеж дека со помош на Владата на Република Македонија, во Општина Охрид во иднина ќе биде отворено и Средно музичко училиште.

OhridNews