Поради магла намалена видливост до 50 метри има на планискиот превој Стража и на патните правци кон Маврово, информираат во последното соопштение од АМСМ.

Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива по влажни коловози. Поради врнежите од дожд на одредени места во источна Македонија, дојде до излевање на водотеците. ЦУК известува дека сообраќајот на мостот кој се наоѓа на патниот правец Штип – Радовиш се одвива по една коловозна лента. Превентивно е затворен патниот правец Штип – Неготино, поради надојдените води од реката Крива Лакавица.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

  Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

OhridNews