Скршена од болка поради убиството на синот Димитар, чиј живот згасна на новогодишната ноќ во 2016 година откако беше претепан до смрт од српскиот турист Бојан Угреновиќ, мајката Драгица Матилоска утеха наоѓа во пишувањето. Вели дека на тој начин се обидува да го зачува споменот на убиениот син во исчекување на правдата која никако да дојде. Таа вчера ја промовираше втората книга „Мојот живот после изгубен живот“. Средствата од продажбата на книгата која чини 200 денари, ќе бидат наменети во хуманитарни цели. 

-Живеам за правдата да ја оцрни неправдата, живеам перото на моето срце да ги овековечи ликот, добрината и младоста на мојот син. Живеам животот на моето дете преточен на хартија да биде хумано дело на посреќно утро за невина младост – на ученик кој боледува од мускулна дистрофија. – рече на промоцијата на книгата Драгица Матилоска. Заинтересираните за книгата можат да испратат е-mail на официјалната кнтакт адреса на OhridNews: [email protected] и ќе бидат исконтактирани.

Судскиот процес за убиството на Димитар Матилоски кој со одлука на апелацискиот суд во Битола почна одново во Основниот суд во Охрид, се’ уште трае, но на рочиштата го нема обвинетиот Бојан Угреновиќ. Тој на почетокот од процесот призна вина и беше осуден на 16 години затвор, но на повтореното судење го смени исказот и се изјасни за невин. Откако беше пуштен од притвор по сила на закон минатото лето, му се губи секаква трага. Поради тоа судот во Охрид во ноември донесе одлука нему да му се суди во отсуство.

-Многу им се лутам на судиите во апелацискиот суд во Битола и оставам на нивната совест. Убиецот е на слобода. Јас ги броев беа некаде 8 рочишта, а тој речиси цела година не доаѓа, го застапува адвокат по службена должност. Тој се сликал пред еден од спомениците летоска во Скопје и ја објавил сликата на интеренет, а за органите на прогонот не е достапен. – рече Матилоска.

Матилоска се надева дека случајот со убиството на Димитар ќе добие судска разрешница што поскоро, бидејќи рочиштата на кои сведоци во отсуство на обвинетиот даваат искази за кобната новогодошна прослава во кафулето „Табана“ во Охрид се премногу стресни за семејството.

Г.М.