Македонската ракометна репрезентација денеска го стартува настапот на Европското првенство, со јасна цел – достоинствено и со максимален ангажман да се претстави на континенталната сцена. Избраниците на селекторот Кире Лазаров излегуваат на терен со мотив да ја продолжат традицијата на квалитетни настапи на големите турнири и, доколку се укаже шанса, да се изборат за пласман во следната фаза.

Македонија настапува во силната и неизвесна група Б, каде за ривали ќе ги има еден од фаворитите за златото и коорганизатор на првенството Данска, Португалија и Романија. Секој натпревар ќе биде вистински тест за „црвено-жолтите“, кои ќе мора да одиграат дисциплинирано во одбраната и ефикасно во нападот за да останат конкурентни во борбата за бодови.

Атмосферата во таборот е позитивна, а репрезентативците најавуваат дека ќе остават срце на теренот. Со поддршка од навивачите и тимски дух, Македонија ќе се обиде да направи чекор напред и да ја израдува ракометната јавност.

Отвараме вечерва во 20:30 часот со Данска.

Мечот ќе го суди молдавската двојка Игор и Алексеј Ковачиус.

Г.М.