Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација на најдобар можен начин ја започна втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2029, со убедлива победа над Австрија од 91:59.

Избраниците на селекторот Хозе Марија Барокал одиграа квалитетен натпревар, во кој ја контролираа играта и резултатот и ги добија сите четири четвртини за сигурен старт во новата претквалификациска фаза.

Една од централните фигури во македонскиот состав беше Ненад Димитријевиќ. Новиот кошаркар на солунски Арис натпреварот го заврши со импресивен трипл-дабл – 15 поени, 14 скока и 11 асистенции.

Селекторот Барокал по натпреварот ја потенцираше тимската игра, пред сè во одбраната, како еден од клучните фактори за убедливиот триумф.

Го задржавме противникот на само 59 поени, што е одличен дефанзивен учинок против шутерска екипа. Ги добивме сите четвртини, а кога ја движиме топката во нападот, играме навистина квалитетно, истакна Барокал.

Македонија со оваа победа направи сериозен исчекор во втората претквалификациска рунда за Евробаскет 2029.

Следниот натпревар македонската репрезентација ќе го одигра против Кипар во ноември.

Г.М.

Фото:. КФМ I Facebook