Вечерва фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра еден од најважните натпревари во својата историја. Црвено-жолтите гостуваат на Велс во Кардиф, во рамки на квалификациите за Светското првенство 2026. Овој меч е пресуден за двете репрезентации, Македонија со победа или реми ќе обезбеди пласман во баражот, што е голема шанса за оваа генерација репрезентативци. Од друга страна Велс само со победа може да обезбеди бараж.

Селекторот Благоја Милевски го подигна тимот со јасна тактика — компактна, организирана игра, без да ризикува многу, но со амбиција да се врати со позитивен резултат. Според најавите, фудбалерите сериозно го имаат сфатено значењето на овој меч кој може да биде пресвртница на нивниот пат кон Мундијалот.

Нашата репрезентација ќе има поддршка од околу 700 македонски навивачи кои ќе ја бодрат Македонија на „Кардиф Сити“ стадионот.

Во претходниот меѓусебен натпревар во Скопје, Македонија и Велс одиграа драматично реми 1:1, со гол на Миовски во судиското продолжение, а Велс возврати со погодок од Дејвид Брукс во последните моменти од мечот.

Македонија е без пораз во овие квалификации. Но сега се е ставено во претстојните 90 минути во Кардиф. Белгија е лидер во групата и само чудо може да ја одалечи од директен пласман на Светското првенство. Но во фудбалот се е можно. Ние веруваме во нашите момци и им посакуваме среќа вечерва во Кардиф.

Натпреварот Велс – Македонија се игра од 20:45 часот.

Што и да се случи на претстојниот меч, Македонија како победник во својата група во Лигата на нации обезбеди пласман во плеј-офот за пласман на СП 2026. Но остане ли непоразена вечерва во Велс, напата репрезентација ќе испише историја, бидејќи за прв пат едни квалификации ќе ги заврши без пораз и ќе обезбеди бараж за Мундијал.

OhridNews
Фото: ФФМ/Фејсбук