Со два интересни натпревари денеска започна турнирот „Трофеј Македонија“, на кој учествуваат репрезентациите на Македонија, Хрватска, Црна Гора и Србија.

Турнирот го отворија Хрватска и Црна Гора, во натпревар со многу борба и неизвесност до самиот крај. По одиграните 60 минути немаше победник, па двете селекции ги поделија бодовите со резултат 20:20.

Во вториот натпревар на денот, македонската женска ракометна репрезентација одигра одличен натпревар против Србија и стигна до убедлива победа од 29:21. Репрезентативките на Македонија контролираа голем дел од натпреварот и заслужено го запишаа првиот триумф на турнирот.

По првиот ден, Македонија е лидер на табелата со два бода, Хрватска и Црна Гора имаат по еден, додека Србија е без бодови.

Утре следува вториот натпреварувачки ден. Од 15:30 часот ќе се сретнат Хрватска и Србија, додека од 17:30 часот Македонија ќе ги одмери силите со Црна Гора.

OhridNews

Фото: РФМ I Фејсбук