Под влијание на многу топла воздушна маса до средината на наредната недела времето ќе биде сончево и многу топло, а само во петок ќе има извесно зголемување на облачноста. Од утре во некои реони ќе биде активирано и портокалово ниво за опасност од високи температури, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Температурата во Охрид ќе се искачи до 30-от степен, а до крајот на седмицата се очекува дневна температура од максимум 32 степена.
Според препораките за заштита од Министерството за здравство, Светската здравствена организација, Црвениот крст на Република Македонија, пред употреба задолжитено е миење на земјоделските, градинарските производи (свеж зеленчук и овошје), термичка подготовка на храната и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на +8 степени, а пред употребата да се загре на +100 степени. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, на пример мајонези од домашни јајца, а внимателно консумација на сладолед и разни кремови.
За време на топлиот период во денот (од 10 до 17 часот) избегнувајте напорни физички активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности. Неопходните работи завршувајте ги до 10 часот или по 17 часот. Носете светла и лесна облека (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при на директна изложеност на сонце, ставете заштитни очила и капа. Останете во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени). Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, а отворете ги навечер, кога температурата е пониска.
Внесувајте помало количество храна. Избегнувајте мрсна и висококалорична храна, како и храна која содржи поголемо количество шеќер.
Внесувајте големо количество течност (не чекајте да бидете жедни) почнувајќи од обичната вода за пиење, па до минерализирани безалкохолни пијалаци. Одбегнувајте алкохолни пијалаци и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци.
При неопходен престој на отворен простор најдете можности за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце. Туширајте се со студена вода повеќе пати во текот на денот. Алтернативно, ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.
Кога сте во своето возило, отворете го прозорецот за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!