Отворање на уште еден туристички пазар и зголемување на бројот на туристи кои ја посетуваат нашата земја се главните очекувања од промоцијата на Македонија во рамки на интернационалниот саем за туризам World Travel Market кој деновиве се одржува во Лондон, Англија.

Република Македонија за прв пат учествува на овој престижен саем и пред англиските туристи била претставена како атрактивна дестинација за патување. Во рамки на саемските активности била организирана и дегустација на македонската традиционална храна и вино.

Претставниците на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, оствариле средби со високи претставници на Британската асоцијација на тур оператори и со туристичките компании Global Travel Investment и Europo-american investment corporation кои пројавиле интерес за инвестиции во спа-туризмот.

Светската туристичка берза World Travel Market се организира по 35-ти пат и на неа годинава се презентирале 186 земји и региони со приближно 698 штандови и 4.903 компании од областа на туризмот.

OhridNews