Како што започнува одбројувањето за најголемата светска волонтерска акција Часот на планетата Земја, тимот на ова светско движење денеска официјално го промовираше глобалното видео од светската маркетинг кампања во кое за првпат се појавуваат и инсерти од Македонија. Две минутното видео во кое главна музичка тема е интернационалниот хит “Pompeii” на британскиот бенд “Bastille” ја прикажува потребата да се променат климатските промени со моќта која ја поседува секој од нас.
– „Ние сме првата генерација која го чувствува влијанието од климатските промени, и последната генерација која може да го промени тоа!“ – вели американскиот претседател Барак Обама во видео рекламата.
Поради актуелноста и успешноста на акцијата Часот на планетата Земја минатата година во Македонија, глобалниот тим реши да вметне инсерт од исклучувањето на осветлувањето од плоштадот во Скопје во рекламата која ја гледа целиот свет, а истото можете да го видите во 58-та секунда од видеото.
Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата. Македонија оваа година во акцијата ќе се вклучи по шести пат. Оваа година, Часот на планетата Земја се одржува на 28 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 7.000 градови низ 162 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.
Часот на планетата Земја е глобално еколошко движење креиарно од WWF. Како една од првите кампањи креиарана од луѓето за луѓето, Часот на планетата Земја прерасна во симболичен настан кој се одбележува во многу градови и земји, поддржан од индивидуалци, бизниси, организации и влади, со цел да се подигне еколошката свест кај граѓаните.












