Европската комисија и додели 20 милиони евра грант на Македонија за развој на земјоделството и руралните општини, кои ќе бидат искористени во рамки на два проекта – едниот наменет за инфраструктурни проекти во рурални општини и вториот за наводнување како дел од ИПАРД програмата. Со потпишувањето на овие два договора, секоја од руралните општини ќе добие по 240.000 евра, додека урбаните општини по 120.000 евра.

Договорите денеска во Министерството за финансии ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставерски, вицепремиерот за евроинетрации Фатмир Бесими, шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Аиво Орав и претставникот на Светска банка во земјава Беким Имери.

Како што истакна вицепремиерот Ставрески, кон првиот договор на грантот во износ од 15,5 милиони евра неповратни средства од ЕУ, од Буџетот на РМ ќе бидат издвоени уште 5,2 милиони евра со што вкупната сума за развој на руралните средини ќе изнесува 20,7 милиони евра. Овој проект е насочен кон поголема апсорбција на средствата што ЕУ ги лоцираше за РМ преку ИПА–структурните фондови за 2013 година, поточно во петтата ИПА компонента за подобрување и развој на руралната средина.

Најголем дел од средствата од овој проект што се спроведува по прв пат, ќе бидат наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти, како што се водоснабдување, третман на отпадни води, управување со цврст отпад, изградба и реконструкција на локални патишта и улици, основна инфраструктура која обезбедува пристап до електрична енергија, енергетска ефикасност, улично осветлување, изградба на туристички и рекреативни објекти, детски градинки, младински културни центри и се што општините ќе го предложат, а ќе биде оценето како приоритет од нивна страна.

–Овие средства општините ќе ги добијат неповратно без обврска за враќање и врз основа на досегашните подготовки на кои досега работевме, до крајот на месецот ќе биде разпишан конкурсот на кој општините ќе може да аплицираат за користење на овие средтства. Општините се и претходно информирани и голем дел се веќе подготвени со проекти, рече вицепремиерот Ставрески.

OhridNews

Извор: „МИА“