Владата информираше дека ќе започне со реализација на проектот за воспоставување на најмодерен и најсофистициран систем за финансиско разузнавање. Моделот на системот е преземен и се остварува во соработка со Владата на Норвешка, и за оваа цел се обезбедени и ќе бидат ангажирани 1,5 милион евра. Овој систем ќе биде управуван од Управата за финансиско разузнавање, каде што ќе биде и организационо, кадровско и просторно воспоставен и воведен во работа.
Веќе се определени лицата кои ќе работат на оваа проблематика, а системот ќе биде воведуван со поддршка на норвешката Единица за финансиско разузнавање, норвешкото МВР, што дава гаранција за квалитетот на проектот, неговата сигурност и превенција од злоупотреба.
Функција на системот ќе биде спречување на перење пари и финансирање тероризам, но и борба против останатите видови на финансиски криминал. Тој ќе овозможи поефикасна анализа и обработка на податоците, а особено ќе придонесе за значително намалување на времето за анализа на случаите кои се предмет на оперативна работа. Ако порано за некоја обработка биле потребни неколку месеци, сега со овој систем за обработка ќе бидат потребни неколку минути.
Ќе се воведе силен софтверски систем, кој ќе обезбедува податоци за секое пријавено или осомничено лице. Софтверот ќе овозможува прибирање на податоци, автоматска обработка и категоризација, анализа на случаи и генерирање на извештаи. Исто така ќе биде воспоставена прецизна база на податоци која ќе се користи при третирање на криминалните појави, а ќе се воспостави и модул за визуелна анализа на податоците, стои во соопштението.
Системот, според најавите, треба да обезбеди и поефикасно координирање на активностите на органите надлежни за борба против криминалот: Министерство за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Управата за јавни приходи. Тие ќе бидат поврзани со специјални адаптери за комуникација преку која ќе разменуваат податоци и информации, што ќе овозможи сеопфатна и поефикасна борба против криминалот.
Посебен аспект ќе биде модулот за генерирање на финални разузнавачки извештаи од областа на финансиското разузнавање кои ќе се проследуваат до органите за борба против криминалот. Покрај редовното функционирање на системот за детекција и сузбивање на криминалот од страна на органите за борба против криминалот, ќе биде воведена и интерактивна веб апликација преку која банките, адвокатите, штедилниците, менувачниците, извршителите, нотарите и останатите субјекти, согласно законот, ќе може да доставуваат податоци и ќе може да бараат проверка на осомничени и потенцијално опасни лица кои сакаат да вршат криминал, перење пари или финансирање тероризам. Исто така, ќе има и модул за автоматско генерирање и испраќање на податоци или барања за дополнителни податоци до банките.
OhridNews