Претставници на Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација денеска во Москва потпишаа договор за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек – кракот за испорака на гас во Република Македонија.
Во име на Владата на Република Македонија документот го потпиша заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески, а од име на Владата на Руската Федерација договорот го потпиша министерот за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентинович Новак. На потпишувањето присуствуваа и претставници на руските енергетски компании „Гаспром“ и „Стројтранс гас“.
По потпишувањето се одржа средба помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и министерот за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентинович Новак.
Премиерот Груевски истакна дека вклучувањето на Македонија во проектот Јужен тек е од исклучително стратешко значење за Република Македонија, проект кој донесува повеќекратна корист, обезбедувајќи енергетска стабилност на државата на долг рок, и обезбедување на доволни количини на гас и понатамошен развој на гасната инфраструктура на Република Македонија. Премиерот Груевски посочи дека на тој план Владата, преку Министерството за транспорт и врски веќе склучи договор со компанија која е ангажирана да изработи физибилити студија за изградба на секундарна гасификација, односно гасоводна мрежа низ државата.
Инаку, коридорот долг 3600 километри под Црното Море треба да ги поврзе руските извори на гас со Југоисточна Европа, независно од Украина. Јужен тек се предвидува да задоволува 14 проценти од европските потреби за гас.