Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ денеска во долг и отворен телефонски разговор ги разгледале сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави, се наведува во соопштението на македонската влада.

Во соопштението е нагласено дека е постигната взаемна согласност за неколку прашања.

„Република Македонија и Република Србија, сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог. Без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за соочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија. Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Двете земји, во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија“, се дел од договорените работи.

Освен тоа премиерите на двете земји се договориле за интензивирање на меѓусебната комуникација на највисоко ниво, како и да се даде взаемна поддршка на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.

OhridNews