Дефлација од 0,4 отсто забележана е во Република Македонија во октомври на годишно ниво, додека на месечно ниво измерена е инфлација од 0,2 отсто.

Индексот на трошоци на живот, кој е клучниот показател за движењето на инфлацијата, во октомври во спроедба со истиот месец лани, бележи намалување од 0,4 отсто, објави Државниот завод за статистика. Истовремено индексот на цените на мало бележи намалување од 1,6 отсто.

На месечно ниво, индексот на трошоците на животот во октомври, во однос на претходниот месец, бележи зголемување од 0,2 отсто, додека индексот на цените на мало е намален за 0,1 отсто.

СпореД статистичарите, поскапување во октомври на месечно ниво имало кај свежиот зеленчук за 5,8 отсто, мармаладите за 1,4 отсто, конзервираниот зеленчук за 0,9 отсто, мастите за 0,7 отсто, лебот и житариците, полутрајните колбасичарски производи и чоколадните производи за 0,5 отсто, преработките од компир за 0,4 отсто, преработките од млеко и другите млечни производи за 0,2 отсто.

Пораст е забележан и кај цврстите горива за 2,6 отсто, обувките за 2,4 отсто, снабдувањето со вода, смет и други услуги во врска со станот за 2,2 отсто, облеката за 1,2 отсто, информатичката опрема за 0,7 отсто, средствата за чистење и одржување на станот и други услуги неспомнати на друго место за 0,6 отсто, средствата и услугите за лична хигиена за 0,4 отсто, текстилот за домаќинствата за 0,3 отсто, лековите, други средства за рекреација, цвеќиња и миленици и лични предмети неспомнати на друго место за 0,2 отсто.

Намалување во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото овошје за 7,2 отсто, шеќерот за 1,5 отсто, други неспомнати производи за 0,7 отсто, конзервираните месни производи за 0,6 отсто, сувомеснатите производи за 0,5 отсто, свежото млеко за 0,4 отсто, киселото млеко, конзервираното овошје и алкохолните пијалаци за 0,3 отсто и месото за 0,2 отсто.

Во октомври, исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7,7 отсто, течните горива за домаќинствата за 2,6 отсто, течните горива и мазива за 1,6 отсто, гасот за домаќинствата за 0,9 отсто, услугите за култура за 0,4 отсто и апаратите за домаќинствата за 0,2 отсто.

OhridNews

Извор:„Макфакс“