Република Македонија по втор пат ја претставува својата туристичката понуда на најголемиот Саем за туризам „World Travel Market“ што се одржува во Лондон, Велика Британија. Делегација од Македонија предводена од директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лела Крстевска, остварила бројни средби со директори на владини агенции за туризам од Нигерија, Гватемала, САД, Унгарија, Белорусија, Словачка, Сејшели и други.
За време на Саемот, како што се наведува во соопштението од агенцијата, била дискутирана и можноста за посета на туристи од Белорусија кај кои е детектиран интерес за културен и религиозен туризам во Охрид. Исто така била дискутирана можноста за воведување чартер летови од Минск до Охрид во септември-октомври и март-април, како би се продолжила туристичката сезона на брегот на Охридското Езеро.
Заменик-министерот за спорт и туризам на Белорусија, Микхаил Петрович, за таа цел заедно со претставник на тур-операторот „Белорус“, го посетиле штандот на Република Македонија, каде присутните македонски тур-оператори ги информираа за програмите кои ги нудат во поглед на овој тип на туризам.
-Белоруските тур-оператори главно се заинтересирани за хотели од пониска категорија и програми во кои би биле опфатени неколку места за посета. Нашите агенции презентираа достојна понуда, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Оттаму објаснуваат дека во рамки на овој меѓународен промотивен настан била искористена и можноста да се покани новинарот на CNN, Ентони Борден (автор на книги за кулинарство и светски познати кулинарски шоуа) да ја посети Македонија и да ги почувствува вкусовите на автентичните македонски специјалитети. Борден изјавил дека со задоволство ќе ја разгледа можноста во 2016 година да дојде во Македонија и во неговото телевизиско шоу за патување и храна на CNN да ја претстави нашата земја. За популаризација на Македонија, легендата на англиското новинарство и добитникот на бројни признанија и награди, Џон Симпсон и покрај тоа што пред многу години бил во посета на Македонија, на покана на Агенцијата, се согласил повторно да гостува во Македонија.
Македонија од 1-ви ноември била дел од насловната страна на каталогот на Balkan Holidays за 2016-та, каде се нудат 7 дневни пакети за Охрид, а првите туристи од Англија се очекува да пристигнат во 2016 година. Меѓу многубројните состаноци и средби, остварена е и средба со претставници на ТАВ-Истанбул, со која се дискутирало за нови авионски конекции.
OhridNews
Извор:„МИА“













