Македонија претпре елиминациски пораз од Доминикана со 86-76 во четвртфиналето од предолимпискиот турнир во Каракас , Венецуела.

Македонија имаше старт од соништата. Играта под обрачите и сигурните поени на Самарџиски надополнети со поените на Меккејлеб ни донесоа висока предност од 23-10 по првиот квартал од мечот.

Таквата игра продолжи и во вториот период кога одличната одбрана ни овозможи предност од 37-17, огромни плус 20 во еден од најважните мечеви на оваа генерација. Но од таа 15 минута од мечот, колата тргна надолу.

Гарсиа, се “распуца“ ја сруши нашата одбрана и доминиканците успеаа до полувремето да симнат на плус 13, 41-28 .

На стартот на третиот период, продолжи шутерското шоу, а “сините“ ја започнаа доминацијата под обрачите, стигнувајќи до лесни “поени од втор напад“. По пет минути игра по нивната серија 12-2 нашата предност се стопи на само три поени 43-40.

Тогаш се разбуди Меккејле кој врза неколку поени во низа, имаше спектакуларно забивање за 49-40, момент кој се очекуваше да ја разбуди македонската екипа.

Кошаркарот на кој се темели нашата одбрана Перо Антиќ доста рано во мечот направи четири прекршоци и поголемиот дел од мечот го преседа на клупата. Капитенот постигна само еден поен и имаше само пет скока. Чековски на моменти успеваше да го задржи Ал Хорфорд, но мал беше придонесот на спориот Гечевски како во одбраната така и во нападот (5 поени и 2 скока)

И покрај ваквиот развој на настаните по три период имавме предност 56-53. Стартот на последниот период беше кобен за нашиот состав. Ја прифативме нивната брза игра, влегувавме од грешка во грешка, а по снаодливите доминиканци предводени од одличниот Гарсија 28 поени (4/7 за три) прво изедначија на 56-56 а потоа и го поведоа мечот.

Порозната македонска одбрана немаше решение за скокачки расположените доминиканци. Ал Хорфорд мечот го заврши со 14 п и 15 скока, додека Хименез имаше 14 поени и 13 скока.

Во последниот период помош не доби Меккејлеб (36 поени, 4, ск, и 2 асс), недостигаа поените на В.Стојаноски само три за 35 минути игра, недоволна беше помошта од Илиевски (16 поени за 38 минути игра. Солиден меч одигра Самарџиски кој оставен “сам под кошевите“ имаше 11 поени и 13 скока.

Откако обезбедија солидна предност, доминиканците не дозволија изненадување и мечот го завршија со плус десет на своето конто.

Доминикана во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот Литванија – Порторико.