
„Сметаме дека во 2015-та ќе забрза економскиот раст. Извозот од странските компании ќе се зголемува, а заздравуваат и традиционалните извозни сектори. Јавните инвестиции ќе останат двигател на растот, а добар знак е што заздравува и домашната побарувачка“, изјави Доерте Доемланд, сениор економист на Светска банка.
Според СБ, Македонија искористила поволен момент да издаде еврообврзница, со која ќе се враќаат старите долгови. Нивото на јавен долг е под регионалниот просек, но треба да се внимава, да се инвестира онаму каде што има високи економски придобивки, наведува СБ.
Од СБ укажуваат на потребата од позасилена соработка меѓу странските и домашните фирми, како и од порамномерна распределба на приходите.
„Доколку погледнете како се движи стапката на невработеност, ќе видите дека Македонија подобро напредува од другите земји. Сметаме дека е важно Македонија да продолжи да го зајакнува растот, а од друга страна, придобивките од растот порамномерно да бидат распределни меѓу различни сегменти од населението“, вели Доемланд.
Според СБ, падот на цената на нафтата позитивно ќе влијае на македонската економија, бидејќи ќе се намалат трошоците на компаниите.
За оваа година СБ предвидува дека раст од над три отсто ќе остварат и Албанија, Косово и Црна Гора, за Босна и Херцеговија се предвидува раст од еден отсто, а единствена со негативен раст, од 0,5 отсто ќе биде Србија.
OhridNews
Извор:„Макфакс“











