Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски вчера во Виена присуствуваше на завршниот состанок од австриското претседавање со Централно-европската иницијатива. На истиот овој форум Република Македонија го презеде претседавањето со иницијативата од страна на досегашниот претседавач Република Австрија.

Притоа премиерот Груевски пред шефовите на влади кои што беа присутни на Централно-европската иницијатива ги истакна политичките и економските приоритети на македонското претседателство и го претстави нацрт календарот на активности врз основа на кој што ќе се врши реализација на целите и приоритетите.

„Ги истакнав приоритетите на нашето претседавање во наредната година, во кое што освен зачленувањето на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ како основен политички приоритет ги вброив и економските приоритети, а тоа се приоритети поврзани со градба на инфраструктурата, туризмот, земјоделието и културата. Притоа имав можност да ги истакнам и приоритетите на Република Македонија на политички и економски план кои всушност се преклопуваат со овие регионални приоритети”, изјави премиерот Груевски.

На форумот присуствуваа премиерите на поголем број на држави од Централна и Југоисточна Европа со кои што премиерот Груевски оствари и кратки средби.

Централно европската иницијатива е една од позначајните регионални мултилатерални инцијативи која што е формирана пред 25 години и која што обединува поголем број на држави од регионот на Средна и Југоисточна Европа кои соработуваат на различни теми од взаемен интерес и на политички и на економски план.

OhridNews

Извор:„МИА“