Делегација на Uniline, еден од најголемите хрватски тур-оператори, деновиве е во тридневна студиска посета на Македонија. Целта на посетата е поблиску да ги запознаат капацитетите и дестинацијата, којашто веќе од следниот месец ќе се најде на нивната туристичка понуда.

Делегацијата е предводена од главниот и извршен директор Борис Жгомба, кој воедно е претседател и на Здружението на хрватски туристички агенции.

Во нејзин состав се и петнаесет нејзини најдобри агенти, кои веќе работат на пласман и продажба на туристичка понуда на Македонија. Нивната намера е во наредниот период да го зголемат бројот на гостите од европските и подалечните пазари во Република Македонија.

Во рамките на нивната посета тие ќе остварат повеќе средби во Скопје и Охрид, со претставници на институции и бизнис претставници од туристичкиот сектор, а ќе го посетат и Саемот за туризам.

Посетата на УНИЛАЈН на Македонија ја најави за време на презентацијата на македонските туристички потенцијали која што се одржа во Загреб, на 4-ти овој месец, во организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, амбасадата во Хрватска и на Агенцијата за промоција и поддршка на Туризмот на Република Македонија.

OhridNews
извор: Makfaks