Република Македонија напреднала за 10 места во класификација на најпросперитетни држави на светот, која што ја објави британскиот научен центар Легатум Институте, со што сега се наоѓа на 69 место во конкуренција од 142 држави.
Индексот на просперитет се пресметува врз основа на осум категории: економија, образование, претприемништво и можности, управување, здравје, лична слобода и безбедност и социјална состојба.
Македонија во годинешниот индекс најдобро е рангирана во категоријата здравство каде се наоѓа на 52 место, потоа следува категоријата претприемништво и можности – 63 место и категоријата безбедност, на 67 место. Во категоријата образование Македонија е рангирана на 74 место, во категоријата лична слобода на 77 место, а во категоријата социјална состојба на 82 место.
На прво место на ранг листата е Норвешка, по што следат Швајцарија и Нов Зеланд како најпросперитетни земји во светот. Меѓу првите десет се Данска, Канада, Шведска, Австралија, Финска, Холандија и САД на 10 место. На дното на листата се Демократската Република Конго, Чад и Централноафриканската Република.
Најдобро рангирана држава во регионот е Словенија, која е на 24-та позиција, по што следи Бугарија на 48-то место. Хрватска се наоѓа на 50-то место, Црна Гора е на 65-то, а Србија на 77-то место. Албанија е рангирана на 84, а Босна и Херцеговина на 91 место.
OhridNews
Извор:„Макфакс“