
Во Скопско поплави има во селата Моране и Орешани, каде се излеа Вардар, а подземните води во Илинден поплавија 20-на куќи.
Во Велешко Вардар го однесе импровизираниот мост кај селото Ногаевци, каде живеат околу 300 луѓе, кои сега за да стигнат до најблиското населено место мора да поминат 25 километри по оштетен селски пат.
Поплави и оштетувања на инфраструктурата има и во Кратовско, Битолско и Прилепско. Во Кичевско Треска поплави околу 300 хектари земја, а во Охридско сите очи се свртени кон Слатинско Езеро, чија брана попушти од обилните врнежи и надојдените води.
Најкритична состојбата е во Струмичко, каде како што јавуваат медиумите, речиси да нема село во рамничарскиот дел кое не е под вода. Поплавени се илјадници хектари обраборливо земјиште, во прекин е дел од сообраќајот, а голем број семејства се принудени да ги напуштат своите домови.
Големи поплави има и во Штипско. Покрај руралните средини погоден е и градот Штип, каде се излеа реката Брегалница.
На терен излегоа претставници на локалните самоуправи и владата кои најавија помош за погодените подрачја.
Според најавите на УХМР Македонија, денеска во земјата ќе преовладува променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на некои повисоки места од дожд и снег, а на планините слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од 2 до 13 степени. Веќе од утре се очекува да престанат врнежите и да настапи стабилизација на времето.












