Европскиот парламент со мнозинство гласови го усвои предлогот за воспоставување на механизам кој овозможува привремено да се воведат визи за земјите од кои доаѓаат азилантите, а меѓу тие земји е и Македонија.
За усвојувањето на механизмот гласале 631 пратеник, додека 236 биле против. Европратеничката Тања Фајон побарала гласањето да се одложи, нарекувајќи го механизмот „нелегален”, бидејќи ги ограничува правата на парламентот. Сепак, овој нејзин предлог бил одбиен, а механизмот потоа бил изгласан.
Фајон по гласањето изјавила дека усвојувањето на овој механизам претставува грешка и дека “со ова е направен хаос”. Усвојувањето на механизмот не значи и автоматски враќање на визниот режим и европратениците сметаат дека има мала веројатност оти овој механизам ќе биде некогаш применет.
Еврокомесарката за правосудство и внатрешни работи, Сесилија Малстрем го поздравила усвојувањето на механизмот и истакнала дека тој ќе го зајакне интегритетот и кредибилитетот на процесот на визната либерализација, а мерките ќе се применуваат само во екстремни случаеви и нема да бидат насочени кон конкретна земја или регион.
Кога еднаш на ниво на ЕУ „ќе се усвои механизмот за суспензија на безвизниот режим за трети земји во итни ситуации и во случај на злоупотреба на постоечкиот систем”, а првиот чекор кон ова е гласањето во ЕП, земјите од Западен Балак ќе бидат изложени на ризикот повторно да бидат ставени на „црната листа”, оценува Дојче Веле.
Според она што е изгласано пак, доволно е една земја потписнична на Шенгенскиот договор со писмо да ја извести Европската комисија (ЕК) за влошување на состојбата на терен, а откако експертите ќе ја проценат ситуацијата, ЕК дава предлог, а земјите членки потоа усвојуваат одлука за суспензија на безвизниот режим, која во прв момент ќе трае шест месеци, а потоа би имало и нова проценка.
Сепак според последните извештаи, бројот на лажните азиланти од Македонија, Босна и Херцеговина и Србија во последно време е значително намален, пред се поради мерките за одвраќање од злоупотреба на безвизниот режим и промената во процедурата за добивање на политички азил за ЕУ.
OhridNews
Makfaks