Македонија четврта година по ред ја претставува туристичката понуда на саемот за туризам во Утрехт, Холандија кој се одржува од 13 до 18-ти овој месец. Претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го доближуваат туристичкиот производ од Македонија до холандските туристи, кои традиционално доаѓаат во посета на Охрид и околината за езерски, културен и вински туризам.
Првиот ден на саемот, кој бил отворен за бизнис средби биле остварени контакти со туристички работници и професионалци, како и со новинари и медиуми заинтересирани за информативни патувања во Македонија. Македонскиот штанд бил посетен и од амбасадорот на Република Македонија во Кралството Холандија Игор Попов и економскиот промотор, Ведат Рушид.
-Од моментот кога обрнавме сериозно внимание на холандскиот пазар и настапивме со агресивна кампања и имаме квалитетно и редовно присуство на холандскиот пазар забележан е вкупен раст од над 550 проценти на туристи од Холандија, што е доказ дека мерката субвенционирање на туризмот, како и инвестирањето во маркетинг се исплатливи за Македонија. Ние очекуваме овој тренд на пораст на туристи да продолжи не само од Холандија, туку и од други држави од Европа и светот, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски.
Македонскиот штанд бил посетен и од продукт менаџерот на холандскиот тур оператор Корендон, Мелик Јетим кој изразил големо задоволство од поддршката и одличната соработка со Владата на Република Македонија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
За земјите од Бенелукс, Владата на Македонија за организиран странски туристички промет во земјава дава субвенции во висина од 65 евра по турист. Корендон бележи зголемување на аранжманите и за претстојната летна сезона со подигнување на чартери до Охрид почнувајќи од мај до средината на септември. Во 2014 година имало зголемување на бројот на туристи од земјите на Бенелукс кој изнесуваше околу 30.000 туристи и повеќе од 110.000 ноќевања.
Според најавите, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, овој и наредниот месец, активно и континуирано ќе ја промовира Македонија како достапна и атрактивна туристичка дестинација на саемите за туризам во Финска, Турција и Белгија.
OhridNews













