Поплавите кои ја зафатија Македонија во изминативе денови, се директно поврзани со климатските промени, смета стручната јавност.
„Во природата не постои Македонија. Природните закони не признаваат Македонец, Американец или верска припадност. Тие дејстуваат по сопствените физичко хемиски закони. Некаде ќе има поголем одраз, некаде помал. Неодамнешните поплави во Македонија предизвикани од поројни дождови, како и другите екстремни временски појави во светот како ураганите цунами, тајфуните, сите тие се одраз на антропогеното дејство на човекот. Тие ќе се случат и по природен пат, но човекот со своите активности го забрзува процесот.“ -вели проф. д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник во Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Како што посочува д-р Крстаноски, Македонија е мала во однос на разивени земји кои го забрзуваат овој процес. Климатските промени, според него, не се нешто ново, но тие директно влијаат на човековото здрајве.
„Ние мислиме дека се е случајно. Во Македонија немаме веќе сезони, како една медитеранска земја. Немаме пролет, доаѓа нагло летото, кое се прескокнува па доаѓа есента. Генерациите кои живееле на поднебје какво што е нашето, ги чувствуваат тие промени. И точно се јавуваат оние аномалии кај луѓето, за кои се вели дека се метеопати. Тие ги чувствуваат притисоците врз здравјето, врз сетилата за вид, крвниот притисок…“ – истакнува д-р Крстаноски.
Во врска со состојбата околу напукнатата брана на Слатинското Езеро и можноста за угинување на богатиот рибен фонд доколку дојде до излевање на акумулацијата, д-р Крстаноски смета дека неопходно е да се преземат низа активности.
„Проблемот со Слатинското Езеро, за мене лично е двоен. Прво се работи за живиот свет. Ако тој е автохтонен и му припаѓа на Охридското Езеро, треба да се заштити и тоа со закон. Тука се јавува проблемот каде да се пренесе тој рибен фонд. Не знаеме колкава количина риба има. Дали да се транспортира во контејнери со кислород, кои треба да се постават во соодветни услови додека браната се санира? Дали сиот тој жив свет е автохтонен и дали во езерото не е внесено нешто страно, алтохтоно? Мора детално да се анализира и да се испита составот на езерото.“ – предупредува Крстаноски.
Со слично размислување е и Ѓоко Зороски од Еколошкото друштво „Грашница“, кој смета дека животинскиот свет од езерото најдорбо би било да се спаси со преместување во друга вештачка акумулација.
„Секако, претходно треба да се изврши анализа на рибите и нивната здравствена состојба, за да не се пренесат извесни болести и паразати во други еко-системи. Според мене, живиот свет во Слатинското Езерот не треба да се пренесуве во Охридското, бидејќи тоа е еден чувствителен еко-систем. Подобри би било тие да се пренесат во друга акумулација во близина на нашиот регион, секако доколку тоа е технички изводливо.“ – вели Зороски.
Проф. д-р Крстаноски, уште укажува дека браните во земјава мора редовно да се санираат, како тоа што се прави низ целиот свет, со цел да не доаѓа до ситуации, како што е актуелната.
„Браната во Слатино е песочно – камена. Најверојатно не е санирана во текот на сите овие години. Малку по малку тоа е занемарено. Никому не му се троши. Јас не сум стручњак од таа област, но сите тие брани било да се земјени, било бетонски, мора да се одржуваат и испитаат. Така се прави во светот.“ – потенцира Крстаноски.
Д-р Крастаноски истакнува дека климатските промени, претставуваат своевиден природен феномен, кој се уште не е доволно истражен од науката. Светската експертска јавност е поделена во мислењата. Според едни климатските промени се природен процес, додека пак други сметаат дека тие се резултат на човековите активности, индустриско-технолошкиот развој и целокупното нарушување на хармонијата во природата.
„Иако човекот е дел од природата, тој со своите активности не ја скротува неа, туку на еден начин ја разбеснува. Тоа како бумеранг му се враќа, бидејќи ние самите сме дел од таа природа, односно не сме над неа.“ – вели проф. д-р Здравко Крстаноски,
Според него, природата не познава граници, туку постои само планетата Земја.