Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја промовираше Македонија на меѓународниот форум за туризам „Go2Balkan“ кој се одржа на 26-ти ноември 2014 година во Софија, Бугарија. Главна цел на овој туристички форум е да се привлече вниманието на тур-оператори од целиот свет кон туристичките услуги кои се нудат во Бугарија и во другите земји на Балканот – Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Македонија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Црна Гора и Хрватска.
-Македонија имаше свој штанд каде се делеа промотивни материјали на повеќе јазици. Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски одржа презентации за туристичките можности во Македонија, кои предизвикаа голем интерес и позитивни реакции. Ова е прв настан од ваков вид во регионов, обединување на туристичката дејност од сите балкански земји, под мотото „Балкан-природа, историја, култура”. Учество имаа 135 фирми и 180 туристички професионалци од 9 држави. На овој форум презентација имаше и АТА- Светската асоцијација за активен туризам во однос на регионалното делување во областа на активниот туризам каде Македонија е лидер во регионот, информираат од АППТ.
Оттаму нагласуваат дека идејата на форумот е да се зајакне соработката на учесниците за заедничко делување, претставување и промовирање на Балканот како заедничка туристичка дестинација.
Идејата и иницијативата за меѓународниот форум за туризам „Go2Balkan“ доаѓа од туристичката индустрија, претставена од страна на членовите на Асоцијацијата на Бугарски тур оператори и туристички агенции (АББТА).
OhridNews