Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Ивица Обрван по средбата со сите играчи ги објави имињата на 17-те ракометари кои ќе настапат на ЕП во Полска. Од поширокиот список отпаднаа голманот Никола Митревски, Филип Талески, Милорад Куковски и Никола Костески, а за прв пат на големо натпреварување ќе се појави ракометарот на Металург, Филип Кузманоски.
„Ова ми е еден од најтешките, ако не и најтежок професионален момент откако сум селектор на оваа репрезентација. Момците повеќе од кога и да е заслужуваат можност секој поединечно да остави придонес во бранењето на боите на националниот дрес. Но, желбите се едно, а правилата налагаат друго. Финалната селекција беше направена врз база на многу квалитативни, но и квантитативни параметри. Сакам да потенцирам пред македонската јавност дека ниту еден од оние ракометари кои нема да тргнат за Краков на 13-ти, не е елиминиран. Момците знаат дека треба да бидат подготвени да одговорат на повикот за Краков доколку се укаже потреба за нивно присуство таму во текот на првенството“, изјави Обрван, пренесува „Макфакс“.
Ракометарите за Полска ќе заминат в среда, со чартер лет. Во првата фаза тие ќе играат во Краков против Полска, Франција и Србија. На отворањето Македонија ќе игра против Франција.
Список на ракометари за ЕП:
Голмани : Борко Ристовски, Даниел Дупјачанец
Крила : Гоце Георгиевски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески
Бекови : Влатко Митков, Кирил Лазаров, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Немања Прибак, Филип Кузмановски, Филип Лазаров, Велко Маркоски, Ацо Јоновски
Пивотмени : Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски
Ohridnews