На иницијатива на Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија и Министерството за култура, до УНЕСКО беше доставена кандидатура на Македонија за членка на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања.

Од вкупно 24 држави – членки во Комитетот, изборот на 12 членки, по електорални групи се изврши за време на Третата редовна седница на Конференцијата на државите – членки на Конвенцијата за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања која од 14 до 17 јуни 2011 год. се одржа во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција.

По постигнатиот консензус, во втората електорална група беше потврден изборот на Република Македонија и Ерменија, со мандат од 4 години.

Инаку, Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања на 2 април 2007 год. и го депонираше инструментот за ратификација до УНЕСКО на 22 мај 2007 год., со што Република Македонија ја потенцираше својата цврста определба за модерен пристап во заштитата и унапредувањето на културните изразувања, како и во создавањето на услови за зајакнување на меѓународната соработка во областа на културата. 

OhridNews