
Голем дел од политичката елита на Балканот давајќи и поддршка на Македонија дека има право на своето име во спорот со Грција, во текот на дебатата потенцираа дека овој проблем сепак мора да се реши, бидејќи тоа е услов за членство на земјата во НАТО и ЕУ. Поради тој факт, сметаат тие, Македонија мора да преговара и да изнајде решение за ова спорно прашање преку компромис.
На форумот беа искажани различни варијанти како основа за продолжување на преговорите со Грција за името, што во моментов се повторно во ќорсокак. Поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски смета дека без разлика како тоа ќе се одрази врз политичкиот рејтинг и изборите, оваа влада ја има одговорноста и мора итно да го реши проблемот со името. Според него политичката левица во земјава порационално размислува од десницата.

Одредницата Северна Македонија за Георгиевски и други политичари е добра основа за продолжување на преговорите за името, но сосема спротивен став има поранешниот дипломат Димитар Димитров.

Некои од искусните политичари и поранешни амбасадори во светски асоцијации, не гледајќи решение за Македонско-Грчкиот повеќедецениски спор за името, посочија дека влезот на Македонија во НАТО можеби побрзо да се деблокира со ставање во оптек на референцата ФИРОМ. На дводневната конференција “Патот на Македонија кон НАТО и ЕУ” организирана од Македонија и Балканскиот политички клуб учествуваа еминентни имиња од актуелната и поранешната политичка елита на Балканот. Следниот ваков форум ќе се одржи во мај во Турција.












