Македонските државјани се најдоа на трето место на листата на поднесени барања за азил во Германија, веднаш зад граѓаните на Србија и на Сирија, јавува „Макфакс“.

Според официјалните податоци на германското министерство за внатрешни работи,  во ноември биле поднесени вкупно 12.130 барања за азил, од што најголем број биле од Србија (1.769) и Сирија (1.553), по што следат Македонија (932), Ертитреја (891) и Авганистан (775).

Од Босна и Херцеговина пристигнале 493 барања, од Косово (359), а од Црна Гора 46, стои во извештајот.

Податоците наведуваат на заклучок дека речиси 30 отсто од вкупно поднесените барања за азил во Германија во ноември се од балканските држави.

И покрај тоа што барателите на азил од Македонија се меѓу најбројните в Германија, се бележи тенденција на благ пад во изминатите два месеци (999 во октомври , 1.051 во септември).

Од почетокот на годината вкупно 5.625 македонски државјани поднеле барање за азил во Германија.

OhridNews

извор: „Макфакс“