За прв пат македонската култура, историја и природа се претставуваат пред унгарските туристи на саемот за туризам во Будимпешта, Унгарија, кој се одржува од 3-ти до 6-ти март 2016 година.

Како што информираа од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, саемот за туризам во Унгарија бил помогнат од страна на кинеските туристички власти и биле донесени голем број на кинески туроператори кои биле заинтересирани за кружни тури на Балканот.

За време на саемот била одржана и бизнис работилница на која Македонија остварила средби со неколку кинески туроператори како што се Leo Vacations, Oases Travel, Tour Nasdaq, Beijing Youth Travel Service и China International Travel Service. Од унгарските тур-оператори посебен интерес пројавиле Robinson Travel, Theo Tours, Caterina Travel,Chemol Travel и Union Travel Agency.

-Го изразувам моето искрено задоволство од претставувањето на Република Македонија на саемот за туризам во Будимпешта. Ова претставување е одлична можност за промоција на Македонија како дестинација за туризам на европската мапа. Посебна шанса претставува и промоцијата на Македонија пред кинеските туроператори, изјави амбасадорот на Република Македонија во Унгарија, Игор Есмеров.

На саемот во Будимпешта остварени биле и повеќе состаноци со претставници на Националните туристички организации на Србија, Војводина, Словенија, Хрватска, Албанија и Министерството за економија на Унгарија – сектор за туризам, при што се потенцирала потребата од заедничка соработка на балканските земји со цел претставување на трети пазари и привлекување на туристи од подалечните земји на балкански кружни тури во кои секоја земја ќе заземе посебно место.

Саемот за туризам во Унгарија за овие 4 дена очекува посета на повеќе од 40 000 потенцијални партнери.

OhridNews