Тиииии бре шо ќе беше ова баксузи како народ да сме. Не бре….се немат спас. Не ние пишано да се спасиме и не. Немаше смак на светот. А како се радвев дека ќе се спасам од све  како мајка на посрано дете. Ко ти викам. Двајсет години не спремаа да не манит некоја чума и да се спасиме и сега реков овие маиве,  ќе не спасат ама ете кжсмет сме немале. Само да дознам која Маја го рече то, а ништо не бидна одма би презел нешто. Пак сега тегнисе  од први до кај 4-5 петти, пак кредити пак сметки, пак купви по пола леб за два дена, посни сарми и триста тракатанци.

А види…имаше некој шо сакаше да ја искористи евентуалната апокалипса малку финтаџиски. Ко овие кај нас од локалнава со патов наш насушен шо е всушност прототип на кратерине на месечинана. Станвам петокот и гледам разработени, демек еве ја почвиме вторава фаза и ќе ви го средиме патов и немат појќе да ви личит како поило за крави со пол метро кал. Демек ќе работат па ќе манит апокалипсата и …..на прес Аце, на тие шо ќе преживееа …..ние сакавме да го напрајме патов ама ете мана апокалипсата. И ги приметив. Во 12 и 13 ко видоа дека ништо не не фркат закопаа то шо откопаа и заминаа.

Додуша некој ден пред петокот имаше стварно апокалипса за некој од нас. На пример поголема апокалипса од она шо Цвета од СДСМ и го напрај на Благородна Дулиќ немат нигде на светот. Алооооо и го скрши ноктето. Таква трагедија и несреќа не би му ја посакал ни на најголемиот душман. Абе знајш ти шо значит скршено нокте??? Поарно глата да ја расцепат како тиква отколку ноктето. Зато го сватив Благето тажно ко рече во изјавата:“….сега ќе морам да го пресечам до крај за да не се повредам појќе……“. И ја разбирам. Додуша незнам кое нокте беше, ама чим се крена толку прашина морат да е од чулчето. Зш то најмногу се користит: за ваѓање на коломаст од ушето, за копање кормушки од носот, за ваѓање на трошки од забите….за….пример.

Абе некако цела недела имаше знаци за апокалипсата. Ете и интервјуто на Банета шо го даде. Кажа пустиот дека све шо прајт со тие 1200 амандмани прајт за нас. Е сега незнам шо в сушност прајт зш не го имам прочитано биџетот, ама пустиот ми предизвика апокалипса на дигестивниов тракт шо толку пати се извини за неговите грешки во неговата политичка кариера. И то јавно. Де бре Бане наместо да не браниш и јавно да се извинвиш, а јас да те слушам и да морам линекс да пијам да трошам пари во кризава, оди кај некој поп, исповедај се, а Господ е голем. Тој им проствит на секакви гилиптери. Ќе ти простит и тебе.

Е неговава апокалипса со буџетов предизвика друга апокалипса. Спонтано собирање на народот против него. Голем дел од народот шо излегвеше пред седиштата на СДСМ толку беа спонтани шо имаа само по 4-5 страни спонтано напишани, така идејќи по пат, случајно како шо поминвел покрај друг, спонтано некој му дал пенкало, без никаква намера, а на еден ветрот му дувна неколку лисја и спонтано долетаа до читачот. А во Охрид беше најспонтано. И најмасовно. Само незнаев кој е против Бранко во та спонтаност. Четирите египќани или шеснајсте новинари. И не разбрав уште една работа. Од кај излезе социјалец тука од Германија. Шо кој онакво бараше кај Бранко да спонтанизират, ако е од Германија ене му ја Меркелица.

А пак шлаг на ова нашава македонска апокалипса беше изјавата на министерката на МВР: “…. До крајот на ноември МВР поднесе кривични пријави против 16 сторители за различни кривични дела, како и 53 барања за прекршочна постапка против 128 сторители, најчесто за физички напад. Телесни повреди во инцидентите добија 130 лица, од кои кај 11 беа потешки. Во еден случај беше употребен сигнален пиштол, а во 12 тврди и остри предмети. Во 124 случаи беше употребена физичка сила….“

Еве ја читам пак изјавава…..Прв пат ко  ја прочитав мислев деке е некој извештај од Сирија. Ко то да бидит изјава по повод завршување на првиот дел од проектот “Безбедни учулишта- хармонична средина“.  Или е грешка во бројкиве или мене ми смрдат чорапиве. Телесни повреди на 130 лица, а тие лица се малолетни деца, 128 сторители на прекршочни постапки, се хармонична средина???!!! Шуќур шо го имаме проектив. Ако не беше тој наместо пенкала децава ќе носеа калашњикови, а на школа ќе идеа со тенкој.

И ако на ова се додает секојдневните вести дека: мајка убила син, син убил мајка за цигаре, се самоубиле две тинејџерки, се убил социјалец, го убил дедото зш не му дал 200 денари за на флипери……е тогаш ќе ни станит јасно зш ја барав петочната апокалипса. Та ќе дојдеше ќе не јадеше матната, а со ова нашава, македонскава апокалипса се мачиме над 20 години и полека не убиват и не мачит како Хенри осми на машина за тегнење. А ете…та ни била среќата и сите Маји кои ни го ветија спасот во петокот да се исти ко нашиве политичари. Не излажаа. Ми идет спонтано да се соберам пред штабот нивни. Единствена разлика  шо тие не излажаја само еден ден, а овие….

ЏИМИ
[email protected]

*Ставовите изнесени во рубриката
Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси
одоговорност за содржината на истите.