Здружението на риболовци ТРЕСКА од Кичево, вчера, изврши порибување на риболовниот ревир ТРЕСКА 1 (горното течение на река Треска и нејзините притоки). Порибувањето се изврши со подмладок од Македонска пастрмка во количина од вкупно 8000 – 8500 единки. Подмладокот е произведен во овластениот Репроцентар во село Шум, Струшко кој работи во рамки на УКИМ Институтот за сточарство од Скопје и чии претставници беа присутни на самиот чин на порибување на река Треска и Беличка река.
Беше порибено горното течение на река Треска од с.Извор до с.Другово и Беличка река на потегот од вливот во река Треска до с.Белица. Кичевско.
-Ова порибување за нас, како концесионери на риболовниот ревир, претставува исполнување на законската обврска превземена со потпишување на концесискиот договор за стопанисување со рибите во риболовен ревир „ТРЕСКА 1.“. Со ова порибувања, се надеваме дека ќе успееме да го вратиме стариот сјај на риболовниот ревир ТРЕСКА 1 “– изјави Кристијан Попоски претседател на Здружението на риболовци ТРЕСКА од Кичево.
Порибувањето на реката Треска и нејзините притоки се изврши под надзор на претставници на Државниот инспекторат за земјоделство (одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството и аквакултурата) со седиште во Охрид од каде се најавуваат зачестени контроли по течението на река Треска и нејзините притоки во претстојниот период кога се очекува да започне природниот мрест на пастрмката.