Македонската полиција фрлила солзавец нa неколку стотиците, најголем број пакистански мигранти, кои денеска се обиделе да влезат од Грција во Македонија, јавува Reuters, пренесува „Макфакс“.

До немирите дошло откако на околу 200 мигранти им бил забранет влез во Македонија, кои потоа тргнале да одат неколку километри долж оградата на границата, барајќи алтернативен премин.

Македонската полиција фрлила солзавец за да ги потисне мигрантите, а еден полицаец пукал во воздух, во знак на предупредување, јави Reuters.

Околу 1.500 Пакистанци, Мароканци и Иранци со недели се наоѓаат на ничија земја меѓу Грција и Македонија, откако македонските власти го ограничија преминот во северна Европа само за Сиријците, Ирачаните и Авганистанците кои се сметаат за воени бегалци.

Лицата од други националности се сметаат за економски мигранти и се враќаат назад. Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалис изјавил дека грчката влада се обидува да ги убеди мигрантите кои се наоѓаат на границата, да дојдат во Атина и да побараат азил во Грција, наведувајќи дека за нив има сместување.

Музалас изјавил дека неговата држава се нашла под интензивен притисок од страна на некои членки на Европската унија кои, според него, погрешно веруваат дека приливот на бегалци може да биде контролиран од Грција, пренесува Associated Press.

Тој ги демантирал тврдењата дека имало некакви официјални закани Грција да се исклучи од Шенген зоната.

„Грција е почеток на коридорот, а вратите се во Турција. Со тоа, доколку приливот на бегалците не биде контролиран во Турција, од брегот на Турција, не е можно да се контролира приливот на бегалци од Грција или од друга членка на Европската унија“, изјавил Музалас.

Некои од мигрантите на грчко-македонската граница им рекле на грчките власти дека се подготвени да се вратат во своите земји на потекло, но пакистанската влада не одговара на нивните барања за прием, а Меѓународната организација за миграција нема финансиски средства да ги врати во родните земји.

OhridNews
Извор:„Макфакс“