Избраниците на Кире Лазаров вечерва во салата „Јане Сандански“ во Скопје“ ја совладаа репрезентацијата на Литванија 26:17 (13:11) и изборија пласман на 17. Европско првенство што ќе се игра во јануари следната година во Норвешка, Данска и Шведска.
Литванците одлично го почнаа натпреварот и поведоа со 0:4. Македонија ја стабилизира играта и почна да ја топи предноста на противникот. Во вториот дел од првото полувреме Мартин Томовски фати неколку тешки топки во важни моменти, што на Македонија и овозможија најпрвин да израмни, а потоа и да поведе.
Во вториот дел видовме апсолутна доминација на Македонија. Литванија иако прикажа квалитетна игра, сепак не можеше да му парира на домаќинот чиј квалитет дојде до израз. Предноста постојано се зголемуваше, бркавме 3, а стигнавме до победа со 9 гола разлика и пласман на ЕП.
Дел од успехот беше охриѓанецот Мартин Ивановски кому ова му беше втор официјален меч во сениорската репрезентација. Мечот го заврши со 2 гола. Дел од составот што избори деветти настап на Европските првенства за Македонија беше и искусното крило на ГРК Охрид, Гоце Ојлески.
Најефикасни во редовите на Македонија беа капитенот Кузмановски и Серафимов со по 5 гола, Пешевски и Џонов постигнаа по 3. Мартин Томовски мечот го заврши со 11 одбрани.
Г.М.