Синоќа во Охрид заврши шестдневниот семинар „Nachwuchswissenschaftler“, на кој 20 студенти од Македонија и Босна и Херцеговина заедно со четири предавачи, преку низа презентации и интерактивна работа имаа можност да се стекнат со вештини и да се запознаат со начинот на предавање на високообразовните институции во Германија користејќи ги најновите технологии.
Доцент д-р Десислава Тодорова од „Ludwig-Maximilians“ Универзитетот во Минхен, вели дека целта на проектот е културна размена помеѓу студентите, односно споделување искуства и идеи од различни области во нивните матични земји.
„За време на предавањата, односно презентациите, работевме во групи, начин кој им се допадна на студентите. Истите, за време на овој шестдневен проект имаа можност да увидат каков е начинот на студирање во Германија, односно како поточно се држат предавањата кои се далеку поразлични оттука. Воглавно, сите сме премногу задоволни од сработеното, разменивме доста идеи и на еден начин успеавме да дојдеме до клучни и крупни решенија. Соработката е на високо меѓујазично ниво, бидејќи освен германскиот, студентите се служат и со англискиот и јазиците од своите матични земји.“ – вели Тодорова.
Учесниците на семинарот се запознаа со најновата технологија која во германските високообразовни институции се користи за време на предавањата.
„Тоа не е само табла и креда, туку истражувања на интеренет, согледувања видео-записи, различни презентации кои што се еден голем плус за студентите. Нивните коментари се позитивни, а исто така увидоа како се прави таа онлајн презентација која ја користевме во текот на целиот семинар. Тука е и електронската платформа за изучување на германскиот јазик, која е достапна на следнава интернет адреса.“ – додава Тодорова.
Овој семинар помина во знакот на културната интеракција помеѓу студентите, кои преку 24-часовното дружење разменаа мислења, идеи и искуства од своите матични земји.
„Шест дена студентите беа заедно, а преку различни прошетки низ стариот дел на градот, се запознаа со културно-историските знаменитости на Охрид како центар на сесловенската писменост. Водичот говореше на германски, бидејќи сите учесници на семинарот имаа напредни познавања од овој јазик. Се надевам, дека и идната година ќе видиме нови студенти кои ќе се приклучат на овој проект.“ – вели Тодорова.
По завршувањето на семинарот, организаторите доделија сетрификати на сите оние учесници кои беа дел од овој мулти-културен проект. Идната година, се очекува овој настан да добие свое второ продолжение, токму во Охрид.
Инаку, организатор на настанот е „Ludwig-Maximilians“ Универзитетот од Минхен, во соработка со DAAD. Водич на проектот беше проф. д-р Јорг Рох, додека предавачи беа доц. д-р Тодорова и доц. д-р Шпрингер од истоимениот универзитет, доц. д-р Илиева од Универзитетот во Битола и доцент Кафадар од Универзитетот во Сарајево. За организираниот превоз и сместување задолжен беше охриѓанецот Климе Вељаноски.
O.T.