Уште едно македонско семејство се врати со оштетено возило, односно со украдени таблички по викенд поминат во Грција.

Како што информираат од МВР, во текот на вчерашниот ден, на Граничниот премин „Богородица“, жител на Скопје кој управувал патничко возило „Голф“ со скопски регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Полигирос, му биле украдени комплет табличките, а кражбата ја пријавил и во грчката полиција.

Со овој новорегистриран случај, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се вкупно 40 оштетувања на возила и одземања на таблички. Од 40-те оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 32 се кражби на регистарски таблички, од кои во 24 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори (6). По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 7 случаи.

Од вкупниот број случаи – 25 се пријавени од страна наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Деветнаесет од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава, соопшти од МВР.

OhridNews