Македонија ја нема на агендата на ЕУ на самитот во Луксембург на кој нашите соседи ќе добијат силен ветер во едрата и поддршка на интегративните процеси. Веќе е извесно дека Србија во петок и формално ќе добие датум за преговори, кои според најавите ќе почнат во јануари 2014 година, а Косово го отпочнува процесот на стабилизација. Најголем губитник повторно е Македонија која по 4 одложувања на датумот за отпочнување на преговори сега не е ниту на дневен ред на самитот на Унијата.
За разлика од државниот врв кој се уште молчи, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими беше директен соопштувајќи во Парламентот дека Македонија нема да добие датум за преговори и оти причина за тоа не е само наметнатиот спор со Грција туку и нереализираните реформи.
Македонија долго е во чекалната пред портите на унијата, смета специјалниот пратеник за земјава Ричард Ховит. Тој изрази разочарување од фактот што ниту на претстојниот самит Македонија нема да добие датум за преговори. Иако земјава пролетва доби позитивен извештај од Европската комисија на самитот во Луксембург нема да има ниту заклучок за европските перспективи на Македонија.
Европа инсистира на реформи, зголемување на демократските капацитети во државата, градење на добрососедски односи, и на интензивирање на напорите за изнаоѓање решение за спорот со името. Се повидливи се и разликите помеѓу коалиционите партнери во владата по стратешките прашања. Додека ВМРО ДПМНЕ не ги коментира лошите вести од ЕУ, ДУИ се погласно се залага за решавање на отворените прашања кои стојат на патот кон членство во Унијата и НАТО. Поддршката за евроатлантските интеграции во јавноста се’ уште е голема, но се стравува дека колку земјата подолго чека, толку поголеми се шансите за појава на евроскептицизам, што би довело до уште поголеми поделби во општеството, доколку државата не го промени курсот или не одреди јасна алтернатива, ако воопшто ја има.