„Република Македонија и натаму целосно и посветено ќе ја почитува рамката во која се водат разговорите со Република Грција за разликата околу името под покровителство на ОН“ – било заклучено на координација на државниот врв, што ја организираше претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на претстојната рунда разговори со амбасадорот Метју Нимиц,  што се водат под покровителство на ОН.

-Наш интерес е што побрзо наоѓање на заемно прифатливо решение со кое би се деблокирале нашите евроатлантски интеграции. Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна, се вели во соопштението што по координацијата на државниот врв го издаде кабинетот на Претседателот.

На координативниот состанок присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Муса Џафери и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.

Државниот врв изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за создавање попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН. Исто така, државниот врв очекува од Република Грција да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации и евроатлантската интеграција на Република Македонија, во согласност со Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право.

Како што се наведува во соопштението, државниот врв изразува подготвеност и отвореност за сериозно динамизирање на разговорите со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение и ја повика другата страна во псорот да покаже конструктивност пред претстојната рунда разговори.

OhridNews