Лингвистите се единствено компетентни за изворни информации за потеклото на македонскиот јазик, неговото име, корени и традиција. Затоа политичарите мора да ги консултираат во актуелните политички и меѓународни прашања поврзани со јазикот. Ова го потенцираат македонистите, славистите и балканистите од целиот свет кои учествуваа на 45. меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, кој се одржува во Охрид. Според програмата, овој традиционален собир ќе заврши утре со обележување на 60 години од објавувањето на првиот дел на Граматиката на македонскито литературен јазик на Блаже Конески.
Странските лингвисти во неколку наврати потенцираа дека интересот за изучување на македонскиот јазик е голем, а со тоа се потврдува неговата големина и не постои отворена можност да биде негиран.
– Македонија е под притисок од различни страни и групации. Информиран сум бидејќи секој ден читам македонски весници, знам се што се случува во Македонија на политички план. Македонците треба да си останат на својот став и да го одбранат јазикот. Мислам дека не треба да се обрнува големо внимание на тие негации и на овој таканаречен проблем нема потреба да му се дава тежина, ниту значење,вели академикот Влоѓимјеж Пјанка од Полска, еден од најстарите учесници на Семинарот за македонски јазик. Тој смета дека македонскиот е рамноправен со другите светски јазици.
Според Наталија Бороникова, доцент од Државниот универзитет во Перм, Русија, Македонците како мала нација исклучително добро го чуваат јазикот и го промовираат пред светот.
– За влогот во јазикот говори и одржувањето на овој семинар, на кој има сж поголем број учесници од странство, од универзитетски центри каде се проучува токму македонскиот јазик, вели таа.
Олга Панкина од Москва, која во рамките на семинарот го промовираше рускиот превод на книгата „Невестата на змејот“, од Влада Урошевиќ, вели дека Македонија мора да продолжи да вложува во промовирањето на јазикот да продолжи да го организира Семинарот за македонски јазик.
– Секоја година се појавуваат нови активности, кои се интересни за учесниците. Повеќе години учествувам и благодарна сум за можноста да го учам македонскиот јазик. Традицијата мора да продолжи, а Македонија да создава нови македонисти, кои се вистински пријатели и промотори на јазикот, вели Панкина.
Дека семинарот е многу корисен потврдуваат и слушателите на летната школа, кои од година на година ги има во сж поголем број.
– Тоа што се учи на факултет не е доволно да се совлада еден јазик. Благодарение на школата за македонски јазик и литература во Охрид успеав да ги совладам основите на јазикот и да зборувам македонски. Учествувам од 2004 година и исклучително сум задоволна од начинот на кој е организиран овој семинар, изјави Елена Обухова.
На традиционалната летна школа, учествуваа повеќе од 100 странски слависти, македонисти, балканисти, универзитетски професори, научни работници, преведувачи, млади истражувачи и студенти од 20 светски земји. Слушателите на Летната имаа секојдневни лекторски вежби и курсеви.