Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија го заврши настапот на EHF EURO 2026 на деветтото место, откако во последниот натпревар од разигрувањето убедливо го совлада Израел со 39:29.
Со триумфот над израелската селекција, македонските кадети ставија печат на успешниот настап на Европското првенство, кој покрај пласманот меѓу десетте најдобри европски селекции донесе и обезбедено учество на Светското првенство за кадети во 2027 година.
Дел од големиот успех на кадетите беше и охриѓанецот Петар Николоски, кој потекна од школата на ГРК Охрид, а сега е играч на РК Бутел.
По завршувањето на шампионатот, репрезентативците и стручниот штаб денеска беа пречекани во просториите на Ракометната федерација на Македонија.
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, им честиташе за постигнатиот резултат, борбеноста и залагањето во текот на целиот шампионат и им посака успех во понатамошниот развој и следните репрезентативни предизвици.
Освоеното деветто место и изборениот пласман на Светското првенство во 2027 година претставуваат значаен резултат за оваа генерација македонски ракометари и добра основа за нејзиниот натамошен развој.
Г.М.














