Црвенковски: Претседателот Глигоров преставуваше глас на разумот

Благодарение на Киро Глигоров и на неговата политика, Македонија стана независна и меѓународно призната држава по мирен пат, без жртви и крвопролевање, оцени лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, по смртта на првиот претседател на Македонија.

Според Црвенковски, Глигоров преставувал глас на разумот во Македонија и во регионот во моменти кога на просторот на поранешна Југославија владееше националистичко лудило и се водеа крвави етнички војни.

„Киро Глигоров никогаш немаше дилема каде е иднината на Република Македонија. Прв ја промовираше и застапуваше идејата за наше интегрирање во Европската Унија и НАТО алијансата. Овие негови заложби беа широко препознаени и во земјата и во меѓународната заедница. Ниту една друга личност во овие 20 години немала во истовреме таква подршка од граѓаните на Македонија и таква меѓународна почит и уважување. Стара изрека е дека историјата ја пишуваат победниците. Но нема такви победници кои можат да ја избришат грандиозната улога на Киро Глигоров во историјата на македонскиот народ и македонската држава“, изјави Црвенковски по повод смртта на првиот претседател Глигоров.

Груевски: Глигоров имаше сериозни заслуги за Македонија

Киро Глигоров ќе остане запаметен како човек и политичар кој имал сериозни заслуги и придонеси во ослободувањето, создавањето, меѓународната етаблираност и развојот на Република Македонија, се вели во писмото со сочуство на премиерот Никола Груевски до семејството на првиот претседател Киро Глигоров, кој почина во 95-та година од животот.

Според Груевски, делата на Глигоров ќе останат запишани во македонската историја и во колективната меморија на граѓаните.

„Во овие тажни мигови за Вашето семејството, од име на Владата на Република Македонија и од свое лично име, споделувајќи ја Вашата болка и загуба, сакам да Ви ги пренесам изразите на искрено сочувство. Киро Глигоров, како учесник во Народноослободителната и Антифашистичка борба и секретар на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ а подоцна и член на Президиумот на АСНОМ, и како прв претседател на самостојната и независна држава, ќе остане запаметен како човек и политичар кој имал сериозни заслуги и придонеси во ослободувањето, создавањето, меѓународната етаблираност и развојот на Република Македонија. Неговите дела ќе останат запишани во македонската историја и во колективната меморија на нашиот народ и граѓаните на Република Македонија. Нека му е вечна слава!“, се вели во писмото на премиерот Груевски до семејството на првиот претседател Глигоров.

Ахмети: Глигоров заслужено ќе остане запишан во историјата на Македонија

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, упати писмо со сочуство до семејството на првиот македонски претседател Киро Глигоров

Ахмети оценува дека смртта на Глигоров е голем загуба за неговото семејство, но и за Република Македонија.

„Првиот Претседател на независна Македонија има големи заслуги за целосното и мирно отцепување на Република Македонија од поранешната Југославија без конфликт што несомнено придонесе кон конечниот распад на Југославија. Претседателот Глигоров и по осамостојувањето, се залагаше за понатамошното градење на независна држава како и за зачленувањето на Република Македонија во меѓународни организации Дозволете ми уште еднаш да го изразам моето искрено сочувство за загубата на Претседателот Глигоров, чие име и дело ќе остане заслужно запишано во историјата на Република Македонија“, се вели во писмото на Ахмети до семејството Глигоров.