Македонската полиција и војската почнаа со депортирање на мигрантите на грчка територија. Поголемиот дел од луѓето кои вчера попладне илегално ја поминаа границата кај гевгелиско Моин и влегоа во селото, полека се повлекуваат на грчката страна од необележаната граница, објави „Телма“.

Околу илјада луѓе придружувани од грчка полиција и голем број репортери стасаа до Сува Река, од каде со помош на јажиња беа префрлени до другата страна од брегот.

Масовното пристигање во селото ги вознемири жителите, кои се исплашија од навалата на бегалци и бројното обезбедување.

Странските медиуми јавуваат дека река мигранти и бегалци се упатени кон македонско-грчката граница, а колоната се протега дури до Идомени.

Вчера наутро трагично заврши обидот на семејство од Авганистан да ја помине Сува Река. Две сестри и сопругот на повозрасната од нив се удавија во реката нешто пред седум часот. Со нив била мајката, двајца браќа и помала сестра, кои патувале со поголема група од Иран. Преживејаа 23-ца, од кои четворица се задржани во гевгелиската болница, а останатите се сместени во центарот Винојуг.

Напливот на илегални преминувања се случува по затворањето на балканската бегалска рута, но и најавата дека ќе се повлекуваат бегалците од идомени кон Грција. Според УНХЦР, во шаторите се уште има близу 14 илјади луѓе, кои се без основни услови за живот. Портпаролот на УНХЦР, Бабар Балоч, изјави дека човековата беда со која се соочуваат бегалците во идомени, го достигна дното.

OhridNews
Извор:„Телма“