Македонската традиционална таеквон-до федерација оствари забележителен успех на меѓународниот турнир „Barletta Challenge 2026“ што се одржа во Барлета, Италија, освојувајќи вкупно осум медали во конкуренција на повеќе од 300 натпреварувачи од девет европски држави.
Македонските претставници настапија со пет натпреварувачи во дисциплините спаринг и форми и освоија пет златни, две сребрени и еден бронзен медал.
На турнирот учествуваа натпреварувачи од Македонија, Србија, БиХ, Грција, Италија, Шпанија, Норвешка, Молдавија и Словачка.
Особено успешен настап имаше клубот ТК Хва Ранг од Лескоец, чии натпреварувачи освоија шест медали.
Анастасија Чулческа освои златен медал во спаринг борби за младинки У-18 во категоријата до 60 килограми, како и сребро во форми за син појас.
Теодора Тодороска се закити со злато во спаринг борби за јуниорки до 60 килограми и сребрен медал во форми за зелен појас.
Миа Танеска освои златен медал во форми за кадетки – црвен појас, како и бронза во спаринг борби во категоријата над 50 килограми.
Успешен настап имаа и натпреварувачите на ТК Мастер од Охрид. Даниел Стојаноски освои златен медал во спаринг борби за кадети до 40 килограми, додека Анастасија Ристеска беше најдобра во спаринг борби за јуниорки во категоријата над 64 килограми.
Од Федерацијата посочуваат дека резултатите се потврда за континуираната работа и развој на македонското традиционално таеквон-до, кое бележи сè позабележителни настапи на меѓународната сцена.
За настапот на македонските натпреварувачи поддршка обезбедија генералниот спонзор „ПН Метал“, Општина Охрид и Министерството за спорт.
Г.М.


















