Македонските туристички потенцијали ќе бидат презентирани на саемот за туризам „RDA Workshop“ кој од денеска до 7-ми јули 2016 година во Келн, Германија. Оваа престижна саемска манифестација, која годинава се одржува по 42-ри пат е еден од најголемите туристички настани во Германија, на кој секоја година се презентираат стотици земји и региони.

-Целта на овој туристички собир е да се идентификуваат новите трендови, да се направат поконкурентни туристичките продукти, да се воспостават нови, да се одржуваат контактите помеѓу туристичките работници и да се разменат искуства за атрактивни туристички производи, стои во најавата за саемот.

Според распоредот на настани од ,,Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот” во 2016 година, свој изложбен штанд Македонија ќе има и на Саемот за туризам „IFTM“ во Париз, Франција, кој ќе се одржува од 20-ти до 23-ти септември 2016 година, а македонската туристичка понуда ќе биде претставена и на Саемот за туризам. „Jata“, кој ќе се одржи од 24-ти до 27-ми септември во Токио, Јапонија.

Инаку во текот на првите три месеци од годинава, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ги презентираше нашите туристички можности на саемите во Утрехт, Истанбул, Љубљана, Брисел, Софија, Белград, Берлин, Будимпешта и Москва.

OhridNews