Културното и природното богатство, традиционално подготвената храна и убавото вино се главните адути, со кои Македонија се претставува на водечката саемска туристичка манифестација „Тур 2014“ која се одржува во Гетеборг, Шведска од 20-ти до 23-ти март.
Саемот на кој ќе бидат претставени над 90 земји, се очекува да го посетат околу 30 илјади посетители. Според програмата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во текот на денешниот ден ќе се организира македонски ден со кулинарски специјалитети и вино. Освен промоцијата на македонската трпеза, посетителите ќе може да го видат и македонскиот фолклор и традиција, преку настап на Културно уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Гетеборг.
-Во изминатиот период Македонија добива значајно место во медиумите во Скандинавија посветени на туристичката промоција. Многу Швеѓани патуваат на исти места и во исти земји, но многумина откриваат и нови туристички дестинации. Скопје лани се искачи високо на листата на популарни туристички дестинации меѓу Швеѓаните, кои во текот на 2013 година пребарувале двојно повеќе за патувања за Скопје во споредба со 2012 година. Ова го покажуваат податоците на популарниот туристички сајт „Скајскенерс“, информираат туристичките промотори.
Интересот за Скопје на сајтовите за пребарување, како и за повеќе други главни градови во Европа, бил поврзан и со евтините нискобуџетни авиолетови. Од Македонија, односно од Скопје кон Шведска има три директни лета, до Стокхолм, Гетеборг и Малме.
OhridNews