Туристичките потенцијали на Република Македонија за првпат се претставија на Саемот за туризам „Natour Alpe Adria“ кој се одржува во Љубљана, Словенија од 27-ми до 30-ти јануари 2016 година, а се организира по 9-ти пат.

-Учеството на Македонија побуди голем интерес на тамошните тур-оператори и потенцијални туристи, но и словенските медиуми не останаа рамнодушни на македонската иницијатива за развој и промоција на туризмот на словенскиот пазар. Истакнати имиња од туристичката индустрија на Словенија како Leja tours, Jazon, Elephant Travel и Fly Fly Travel, но и националните организации на Република Српска и Република Србија остварија состанок со делагацијата на Македонија со цел да го истражат интересот и дознаат потенцијалот на нашата земја, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во рамки на саемските активности, Планинарското друштво „Драмље“ од Словенија иницирало соработка со македонските планинарски друштва, со кои планира заедно да го претстави Балканот нудејќи кружни тури на кинеските и руските туристи.

Амбасадорот на Македонија во Словенија, Томи Димитровски изјавил дека е задоволен од интересот кој го покажале словенските туристи  за Македонската туристичка понуда.

-Го изразувам задоволството што после неколку години пауза, повторно учествуваме на саемот „Natour Alpe Adria“. Словенците ја перцепираат Македонија како пријателска земја од југот каде што најголем интерес се забележува за алтернативниот туризам како и врвните кулинарски и вински потенцијали, рече Димитриовски.

Саемот за туризам во Словенија обедини 30 земји и околу 300 излагачи кои ја промовираат својата туристичка понуда пред повеќе од 1500 посетители.

OhridNews