Денеска завршува саемското претставување на македонските винарии на интернационалниот саем за вино и жестоки пијалоци, кој во текот на изминатите два дена се одржуваше во Хонг Конг. На овој саем учествуваат девет македонски производители на вино организирани од страна на здружението „Вина од Македонија“.

Учеството на саемот е поддржано од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија преку Програмата за поддршка на извозот на македонски производи, во чии рамки се обезбеди финансиска поддршка за простор и штанд од 100 метри квадратни за македонски производители на вино.

Оваа саемска манифестација е една од најпрестижните во овој дел од Кина и на неа секоја година своите вина ги презентираат повеќе од 1000 изложувачи од 38 земји од светот и повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино.

Хонг Конг и Кина се едни од пазарите кои се најбрзорастечки пазари во потрошувачката на вино во последните неколку години, каде постои голем потенцијал за поголем пласман на македонското вино и градење на брендот на македонското вино во шише во овој дел од светот.

Промотивните активности на винариите во Кина, продолжуваат и следната недела со учеството на Саемот за вино во Шангај  кој ќе се одржува од 12  до 14 ноември.

OhridNews