Седум македонски винарии оганизирани преку здружението „Вина од Македонија“, со поддршка на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, ги презентираа своите вина на Фестивалот за вино „ИнтерФест” што деновиве се одржува во Нови Сад.

На свеченото отварање на Фестивалот присуствувала и делегација на Амбасадата на Република Македонија во Србија, како и преставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, со чија помош и поддршка, вчера се одржал промотивен настан „Ден на македонско вино во Нови Сад“. Промоцијата се одржала  во Винотека „Хедонија“, а професионалната дегустација ја водел сомелиерот од Србија, Игор Луковиќ.

На љубителите на доброто вино во Нови Сад, како и на професионалните познавачи на виното, биле презентирани вината на Тиквеш, Сковин, Стоби, Камник, Далвина, Езимит и Попов.

Македонските винари во Нови Сад имале можност за директен контакт со реномирани дистрибутери и увозници на вино со цел зголемување на извозот и зацврстување на позицијата на македонското вино во Србија, каде што се пласира 60% од вкупно извозеното вино во шишиња.

„ИнтерФест“ во Нови Сад е најголемиот фестивал на виното во Југоисточна Европа, кој секоја година го посетуваат од 30 до 50 илјади љубители на виното, а каде своите вина, покрај од регионот ги преставуваат и винарии од Португалија, Шпанија и Унгарија.

OhridNews