Од утре до 12 септември во Охрид во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ќе се одржи 12. македонско-северноамериканска конференција за македонистика.

Конференцијата се одржува на секои три години, наизменично во Македонија и во Северна Америка, со цел да се продолжи и да се продлабочи соработката меѓу научниците и истражувачите од двете страни. Македонистичките проучувања опфаќаат различни дисциплини, па така на овие конференции се изложуваат теми од областа на македонистиката во поширока смисла: проучувања на македонскиот јазик и на македонската книжевност, но и на историјата, археологијата, етнологијата, антропологијата, социологијата, културата, уметноста, фолклорот и др., посочуваат.
На годинешната Mакедонско-северноамериканска конференција, потенцираат, ќе учествуваат еминентни странски македонисти, слависти и балканисти, како Виктор Фридман, Кристина Крамер, Кит Браун, Грејс Филдер и др., кои со своите колеги од Македонија ќе разменат идеи, резултати и искуства, претставувајќи ги своите истражувања поврзани со широк спектар теми од областа на македонистиката.
Конференцијата традиционално е под покровителство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е организирана во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
OhridNews











